Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека успешната годишна нуклеарна вежба на Алијансата овој месец му дала „апсолутна доверба во веродостојноста на нуклеарното одвраќање на НАТО“ во услови на руски закани.
„Кога Русија користи опасна и непромислена нуклеарна реторика, нашите граѓани треба да знаат дека нема причина за паника, затоа што НАТО располага со силен нуклеарен одвраќачки капацитет,“ изјави Руте за германскиот неделник Welt am Sonntag.
Тој додаде дека и рускиот претседател Владимир Путин мора да знае дека „нуклеарна војна никогаш не може да се добие и никогаш не смее да се води.“
Путин повеќепати го предупреди Западот на можни нуклеарни последици поради руската инвазија врз Украина во 2022 година. Минатиот месец тој изјави дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје ако биде нападната со конвенционални проектили, и дека секој напад на Москва со поддршка од нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад, пренесува Ројтерс.























