УТРО.мк

Русија вербално со Иран, но внимава да не ја премине линијата

Русија вербално со Иран, но внимава да не ја премине линијата
Vero

Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, го обвини Доналд Трамп дека „започнал нова војна“, додека поединечни влијателни личности повикаа Москва да му помогне на Техеран. „Време е да му помогнеме на Техеран“, изјави контроверзниот олигарх Константин Малофеев, близок до Владимир Путин, иако е под меѓународни санкции. Сепак, ваквите изјави не се неочекувани.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во неделата допатува во Москва, каде што најави „сериозни консултации“ со рускиот претседател Владимир Путин. Тој порача дека Москва останува пријател и партнер, додека Техеран побара итна седница на Советот за безбедност на ОН за осуда на американските напади. Револуционерната гарда пак порача дека „освојувачите ќе се соочат со последици поради кои ќе зажалат“.

И покрај острата реторика, реакцијата на Кремљ досега останува повеќе симболична отколку реална. Аналитичарите наведуваат пет клучни причини за воздржаноста на Москва:

Стратешкиот договор меѓу Русија и Иран не содржи обврска за меѓусебна воена одбрана. Русија е воена ангажирана во Украина и нема капацитет за нов фронт. Кремљ избегнува директна конфронтација со Вашингтон. Фокусот на светот врз Блискиот Исток ѝ одговара на Москва, бидејќи го намалува притисокот врз Украина. Најгласните повици за интервенција доаѓаат од „реторички јастреби“ како Медведев, а не од самиот Путин.

Покрај тоа, Русија има сериозен интерес да избегне понатамошна ескалација. По губењето на влијанието во Сирија со падот на режимот на Асад, и евентуално губење на Иран, Кремљ би останал без сериозен сојузник во регионот. Затоа Путин, во обид да заземе дипломатска иницијатива, разговараше со лидерите на Израел, Иран, САД, Кина и ОАЕ.

Постои можност Москва однапред била информирана за американските напади врз Иран, со оглед на сигналите дека се работи за ограничена акција. Во тој контекст, Путин би можел да се позиционира како посредник што ќе го врати Иран на преговарачка маса – потег што би му создал обврска на Доналд Трамп кон Кремљ, обврска што Русија веројатно би ја наплатила – во Украина.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран