Украински беспилотни летала ноќеска извршија напади на повеќе цели низ Русија и окупираниот Крим, вклучувајќи го и рускиот град Ижевск, на околу 1.300 километри од украинската граница, соопштија руските власти и локални Телеграм канали.
Жителите на Ижевск пријавија експлозии рано утрово, а локалните власти потврдија напад со дрон врз објект во градот. Александар Бречалов, шеф на руската Удмуртска Република, информира дека службите за итни случаи интервенираат, а повеќе детали ќе бидат соопштени наскоро.
По инцидентот, руската агенција за цивилно воздухопловство привремено ги суспендираше летовите до и од аеродромите во градот.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека ноќта собориле 60 украински беспилотни летала на неколку локации, вклучувајќи 17 над окупираниот Крим, 16 над Ростовска област и 11 над Азовското Море. Останатите беа соборени над Курска, Саратовска, Белгородска, Воронежска и Орјолска област, како и над Црното Море.
Во Крим беа пријавени експлозии во близина на руски системи за воздушна одбрана С-300/С-400 и радарски станици. Група за мониторинг, повикувајќи се на сателитски снимки од НАСА, пријави голем пожар во регионот, иако официјални информации за штети нема.
Украина официјално не ја презеде одговорноста за нападите, а нејзината воена разузнавачка служба не ги коментираше случувањата. „Киев Индепендент“ не успеа самостојно да ја потврди информацијата.