УТРО.мк

Агриа гради доверба „од фарма до трпеза“ под водство на Караѓорѓиевска

Агриа гради доверба „од фарма до трпеза“ под водство на Караѓорѓиевска
Vero

Централна алка на компанијата Агриа е кланицата, од каде што излегува целиот вложен труд во фармите, фабриката за сточна храна и земјоделството. 

Таа е врската помеѓу примарното производство и финалните производи, безбедни за потрошувачите, односно сѐ што се работи во работните единици, како финален производ излегува токму од овој погон.

Марјана Караѓорѓиевска, менаџерка на кланицата во интервју за еМагазин.мк вели дека се работи под строго контролирани хигиенски стандарди, со континуиран стремеж кон ефикасна продукција.

Како изгледа еден типичен работен ден во кланицата и кои се вашите главни одговорности како нејзин менаџер?

– Еден типичен ден во кланица е строго структуриран, контролиран и организиран поради природата на работата. Работниот ден започнува рано наутро, а вработените доаѓаат поминувајќи преку четири безбедносни бариери за дезинфекција и се пресоблекуваат во гардероби со висок хигиенски надзор. Се прави преглед на опремата, машините, просториите, за да бидеме сигурни дека сѐ е во согласност со безбедносните и хигиенските прописи.

Се примаат животните (свињи и говеда) и се врши ветеринарен преглед на истите. Секој ден работиме под надзор на официјален ветеринарен инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, а при колењето посебен акцент се става на благосостојбата на животните. Следува преглед на месото од страна на ветеринарен инспектор, ладење во комори, а има и погон каде што според потребите, месото се пакува и подготвува за транспорт и дистрибуција.

На крај, по завршување на производниот процес, се врши темелно чистење, перење и дезинфекција на целокупната опрема, машини и простории.

Која е улогата на кланицата во целокупниот производствен процес на Агриа и како обезбедувате усогласеност со сите хигиенски и технолошки стандарди?

– Моите обврски како менаџер на кланицата, пред сѐ е организација на производниот процес, контрола на сите процеси – дали се спроведуваат навремено и ефикасно, надзор над вработените, координирање на тимот, контрола на вработените во однос на почитувањето на прописите за хигиена и безбедност, соработка со инспекциски служби, проверка на HACCP системот, надзор на трошоци и нарачки, комуникација со добавувачи, клиенти и регулаторни тела, како и стратешко планирање и развој.

Во состав на кланицата работи и акредитирана лабораторија за испитување на трихинела во месо, каде што ја имам функцијата како технички раководител и вршам надзор и контрола над истата.

Како дипломиран инженер агроном сточар, кои аспекти од вашето образование најмногу ви помагаат во секојдневното управување со процесите во кланицата?

– Како дипломиран инженер агроном – сточар имам можност секојдневно да ја применувам теоријата во пракса. Моето образование не само што ми помогна да ја разберам биологијата и благосостојбата на животните, туку и да воспоставам хигиенски, технолошки и организациски стандарди кои се клучни за безбедно производство на храна.

Безбедност на храна, хигиенски мерки, како и управување со HACCP системот, ги применувам како резултат на знаење по зоохигиена, ветерина и микробиологија.

Класификацијата и проценката на месо се пресметува според методи и равенки и се одредува рандманот, квалитетот на месото, распоредот на масти и мускулна маса, а сето тоа овозможува сортирање и подобро позиционирање на производот на пазарот.

Воедно, секојдневно ги користам аналитичките вештини стекнати на студиите за да следам продуктивност, идентификувам тесни грла и да предлагам подобрување преку автоматизација, обука или оптимизација на процесите.

Што значи за вас да работите во женска лидерска позиција во еден прехранбен-преработувачки сектор што традиционално се смета за машка професија?

– Жената како лидер во прехранбен-преработувачки сектор, дури и во традиционални машки домени, како овој, апсолутно е можно. Производството бара детална организација, плански менаџмент и прецизност, а тоа се области каде жените често покажуваат високи капацитети.

Жените лидери, често имаат поголема емпатија и комуникација со тимот, што е клучно во управувањето со вработените од различни профили. Прехранбената индустрија е строго регулирана, а жените често се истакнуваат со нивната дисциплина, доследност во следењето процедури и нормативи. Организацијата, одговорноста, хигиената не зависат од полот, туку од визијата, тимската работа, упорноста и истрајноста. Впрочем, резултатите покажуваат сѐ.

Еве и една порака од младите жени инженери-агрономи: Бидете храбри, не се плашете да влезете во сектори кои традиционално биле машки. Како инженери, вие носите знаење, перспектива и дисциплина. А тоа е она што ја движи секоја индустрија напред.

Која е најголемата предност на тимот со кој работите и кои вредности најмногу ги негувате кај вашите соработници?

– Најголемата предност на тимот со кој работам е што функционираме како една целина. Секој знае што му е задачата, но истовремено и што значи неговата улога во производниот процес, без разлика дали станува збор со оператор на линија, технолог, магационер или ветеринар, сите сме фокусирани на еден заеднички резултат – безбедно, квалитетно и навремено производство. Кај мојот тим најмногу ги вреднувам одговорноста, тимската лојалност, подготвеноста за учење и прифаќањето на промените.

Кои се идните приоритети за развој на кланицата во контекст на модернизација, енергетска ефикасност и стандардите на производство?

– Нашите идни приоритети за развој на кланицата се насочени кон технолошка модернизација на опрема и автоматизација. Целиме кон намалување на потрошувачката на електрична енергија, а се разгледува и опцијата за зголемување на соларни панели кои веќе ги имаме. Воедно, постојано работиме на усогласеност со стандардите како ISO 9001 И ISO 17025 и имплементација на IFS стандардот.

Посебен фокус продолжуваме да ставаме на обука на персоналот, бидејќи технологијата не значи ништо без луѓе кои знаат да ја користат. Имаме стратегија за транспарентно следење на производот од фарма до трпеза, што е сѐ поважно на пазарот. Нашата цел е да го одржиме темпото на технолошки напредок, но и да ја задржиме и зајакнеме довербата на пазарот преку квалитет и добро производство.

Имајќи предвид што Агриа е лидер на пазарот со свинско месо во државата, колку грла е капацитетот на кланицата и дали во моментов го исполнувате?

– Капацитетот на кланицата е 300 свињи во една смена, 35 говеда и 960 овци, како и шест разладни комори со вкупно 300 метри линија на колосек. Во моментов работиме со капацитет на искористеност од приближно 80 отсто, а тоа значи дека постои простор за раст и флексибилност во производството, особено во периоди на зголемена побарувачка (празници и сезонски пикови).

Ова нѐ прави стабилен и предвидлив партнер на пазарот, со можност брзо да одговориме на промените во побарувачката, без да се компромитира квалитетот или роковите. 

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран