По повеќе од една деценија посветеност и визионерски залагања, Битола започнува ново поглавје во урбаниот развој – градот станува вело-град! Со нови велопатеки, паметни решенија за мобилност и зелен фокус, градот на конзулите го менува својот урбан идентитет.
Градоначалникот Тони Коњановски, кој веќе редовно оди на работа со велосипед, ја испраќа пораката дека личниот пример е првиот чекор кон поголема промена: „Ако сакаме поздрава и почиста Битола, мораме сите да почнеме од себе.“
Во рамките на проектот „Smart4you2“, кофинансиран од ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија (2014–2020), Општина Битола веќе поставува над 5 километри нова велосипедска инфраструктура, со планови за дополнително проширување.
Оваа иницијатива има за цел не само да ги подобри условите за велосипедистите, туку и да го намали загадувањето, со што Битола полека, но сигурно, се позиционира како пример за одржлива урбана мобилност во регионот.