Русија за првпат започна да користи резервисти за заштита на клучната инфраструктура од украински напади со дронови, јавија руски медиуми. Во Ленинградската област околу Санкт Петербург е формирана единица задолжена за спречување саботажи и одбрана на стратешки објекти, пренесува весникот „Комерсант“, повикувајќи се на гувернерот Александар Дрозденко.
Првично се распоредуваат 105 резервисти со вооружување и возила, кои ќе го зајакнат обезбедувањето на пристаништата, енергетската и индустриската инфраструктура. Рускиот парламент неодамна усвои закон кој овозможува формализирана употреба на резервисти за заштита на стратешки објекти.
Украина повеќепати таргетираше руски складишта за гориво, рафинерии и друга критична инфраструктура, додека руските воздушни одбрани редовно пријавуваат пресретнување на дронови. Поранешниот министер за одбрана и сегашен секретар на Советот за безбедност, Сергеј Шојгу, изјави дека нападите со дронови се зголемиле од поединечни случаи пред две години до стотици инциденти денес.
Шојгу нагласи дека Поволжје, каде се наоѓаат многу стратешки фабрики, е честа мета, а оштетувањето на инфраструктурата може да ја наруши воената логистика. Тој додаде дека ќе се формираат и доброволни групи за заштита на клучните објекти, иницијатива поддржана од претседателот Владимир Путин.































