
Рускиот претседател Владимир Путин вчера во Санкт Петербург, на маргините на Меѓународниот економски форум (СПИЕФ), изјави дека Русија е подготвена за мирни преговори со Украина, повикувајќи се на разговорите што ги имал со американскиот претседател Доналд Трамп во Анкориџ, Алјаска.
Путин наведе дека предлозите што, според него, ги изнел Трамп би можеле да послужат како основа за евентуален мировен договор, но дека за тоа ќе бидат потребни компромиси од двете страни – и Москва и Киев. Тој оцени и дека Европската Унија би можела да има улога во процесот на постигнување решение.
Рускиот лидер истакна дека секој иден мировен документ мора да биде потпишан од, како што рече, „легитимни страни“, додавајќи дека Русија не наметнува дополнителни услови. Тој повторно го отвори прашањето за политичкиот статус во Украина, тврдејќи дека има дилеми околу изборниот легитимитет на актуелното раководство во Киев.
Путин нагласи дека, според руската страна, не е неопходен прекин на огнот за да започнат преговори, додавајќи дека руските сили, како што рече, продолжуваат со напредување на терен.
Тој повтори дека Русија е подготвена да го заврши конфликтот, но оцени дека Украина во моментов не е подготвена за мировен договор. Воедно наведе дека клучен проблем за украинските сили е недостиг на персонал и ниска мотивација, тврдења кои не се независно потврдени.
Путин изјави и дека Русија не се противи на економска интеграција на Украина со Европа и оцени дека конфликтот, според неговото толкување, произлегува од внатрешни политички процеси во Украина и односот кон руското население.















