
Свадбената прослава на светската музичка ѕвезда Дуа Липа и британскиот актер Калум Тарнер продолжува во Сицилија, Италија, каде што се одржува тридневен настан во регионот на Палермо и Багерија. Според италијанските медиуми, свеченостите се одвиваат со засилени безбедносни мерки, ограничен пристап и делумни затворања на јавни простори.
Локалните власти и приватното обезбедување вовеле строги правила, вклучувајќи ограничување на движењето и затворање на два плоштада во историскиот центар на Палермо. Дел од жителите, според извештаите, биле замолени да потпишат договори за доверливост со цел да се спречи објавување фотографии и видеа од настаните.
Прославата, на која се очекуваат околу 300 гости, се одржува на луксузни локации, меѓу кои и историски објекти и елитни хотели во Палермо. Италијанските медиуми пренесуваат дека меѓу можните музички гости се споменуваат имиња како Елтон Џон, Чарли Икс-Икс, Оливија Дин и Марк Ронсон, иако овие информации не се официјално потврдени.
Главната церемонија, според најавите, треба да се одржи во една од историските вили во близина на Палермо, со што настанот веќе е означен како една од најгламурозните свадбени прослави годинава во Италија.















