УТРО.мк

Путин е за продолжување на мировните преговори – но далеку од камери и во тивка атмосфера

Путин е за продолжување на мировните преговори – но далеку од камери и во тивка атмосфера
Vero

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен за продолжување на мировните преговори со Украина, но само „без камери и во мирно опкружување“. Оваа изјава доаѓа една недела пред истекот на рокот што го постави американскиот претседател за договор за прекин на огнот – во спротивно следуваат нови санкции, вклучително и кон земјите што увезуваат руска нафта и гас.

И покрај тоа, Путин истакна дека целите на Москва остануваат непроменети, иако изрази подготвеност работните групи да разгледаат можни компромиси. „Ако некој бил разочаран од досегашниот исход, тоа е само поради преголеми очекувања“, изјави тој.

На средба со белорускиот претседател Александар Лукашенко, Путин додаде дека руските сили напредуваат долж целата фронтална линија, наведувајќи дека градот Часив Јар, по 16 месеци борби, е под контрола на руската армија. Украина пак тврди дека градот сè уште не е целосно загубен.

Истовремено, Путин објави дека првата серија балистички ракети од новиот тип „Орешник“ е веќе испорачана на руската армија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, реагирајќи на изјавите на Путин, повтори дека е подготвен лично да се сретне со рускиот лидер. „Ако овие пораки се знак на вистинска волја за ставање крај на војната и постигнување траен мир, тогаш Украина потврдува подготвеност за директна средба на највисоко ниво – во кое било време“, напиша Зеленски на платформата Х.

Тој повика да се надмине фазата на соопштенија и технички состаноци и да се премине на директни преговори меѓу лидерите на двете земји.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран