Најмалку 68 мигранти загинаа, а 74 се водат како исчезнати, откако брод со 154 етиопски државјани потона во близина на јужниот брег на Јемен, соопшти Меѓународната организација за миграција (IOM).
Несреќата се случила рано наутро покрај брегот на покраината Абјан, поради лоши временски услови. Според Абдусатор Есоев, раководител на IOM во Јемен, телата на 54 лица биле исфрлени на брегот во округот Канфар, додека уште 14 се пренесени во мртовечницата во Зинџибар, главниот град на Абјан.
Само 12 мигранти преживеале, додека за останатите се стравува дека се мртви. Потрагата по преживеани е сè уште во тек, потврдуваат здравствени извори од регионот.
Јемен, кој се наоѓа на една од најопасните миграциски рути во светот, е чест пункт за илјадници мигранти од Африка кои се обидуваат да стигнат до Саудиска Арабија и другите држави од Заливот. Тие патуваат преку теснецот Баб ал-Мандаб, често со небезбедни и преполни пловни објекти.
Според податоците на IOM, над 60.000 мигранти пристигнале во Јемен во текот на минатата година. Организацијата ја оценува оваа миграциска рута како „една од најпрометните и најопасните во светот“.