Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не верува оти израелската воена акција во Појасот Газа претставува геноцид. Во интервју за медиумите, тој се осврна на нападите од 7 октомври 2023 година, кои беа предводени од Хамас, велејќи дека „тогаш се случија ужасни нешта“.
На директно новинарско прашање дали израелскиот одговор може да се смета за геноцид, Трамп одговори:
„Не мислам дека е така. Тие војуваат.“
Тој додаде дека САД активно работат на тоа да се обезбеди хуманитарна помош за цивилното население во Газа.
„Сакаме луѓето да бидат нахранети… Сакаме Израел да ги нахрани. Не сакаме луѓе да гладуваат и да умираат од глад“, изјави Трамп.
Инаку, меѓународни организации и експерти, меѓу кои и некои израелски професори и аналитичари, веќе подолго време предупредуваат дека во Газа се случува хуманитарна катастрофа со елементи на геноцид. Според нив, израелската блокада директно придонесува за недостиг на храна, лекови и основни услови за живот, при што најмногу страдаат децата.