Руското воено раководство започна со ангажирање жени на првата борбена линија во Украина, пренесува украинската новинска агенција Униан, повикувајќи се на извештаи од фронтот во областа Покровск.
„Во текот на жестоките судири видовме сè – јуришници на патерици, поранешни затвореници, окупатори под дејство на дрога. Но, за првпат гледаме жени“, изјави еден украински војник.
На видео објавено од Третата оперативна бригада, именувана по полковникот Петро Болбочан, се прикажува жена како се обидува да избега од удар на дрон.
„Дроновите не избираат цели. Секој што ќе го нагази украинското тло е непријател што ќе биде уништен“, соопштија од бригадата.
Според истата агенција, регрутацијата на жени ја спроведува баталјонот Борз, дел од приватната воена компанија Редут. Наводно, во процесот се вклучени и жени-затворенички. Освен за медицински задачи, тие се обучуваат и како операторки на дронови и снајперистки, по што директно се испраќаат на фронтот.
Учеството на жени во борбите во Украина не е новост – уште во 2023 година тогашниот руски министер за одбрана, Сергеј Шојгу, потврди дека во таканаречената „специјална воена операција“ се вклучени околу 1.100 жени.
Од друга страна, во украинската армија бројот на жени постојано расте. За разлика од Русија, сите Украинки се приклучуваат доброволно, пишува магазинот The Economist. Според податоци од советничката за родови прашања во украинската армија, Оксана Хригорјева, моментално во воените сили служат околу 100.000 жени, од кои околу 5.500 се на првата борбена линија.
Тие извршуваат задачи како докторки, возачки и операторки на беспилотни летала. Пред почетокот на руската инвазија во 2022 година, жените сочинувале до 15 отсто од украинската армија. Иако нивниот процентуален удел се намалил поради растот на целокупниот број на војници, вкупниот број на жени во армијата се зголемил повеќе од двојно.