Нов спортски објект ќе никне во срцето на Скопје. Министерството за спорт денеска го постави камен-темелникот за изградба на нова спортска сала во кругот на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за спорт Борко Ристовски, кој истакна дека оваа инвестиција има повеќенаменска и општествена вредност.
„Ова не е само спортски објект, туку и училница за градење карактери. Салата нема да ја користат само спортистите и питомците, туку и учениците од училиштата во населбата Аеродром. Ќе биде отворена и за децата кои рекреативно се занимаваат со спорт“, изјави министерот Ристовски.
Министерот упати благодарност до Министерството за одбрана и министерот Мисајловски, како и премиерот Христијан Мицковски и Владата за поддршката, нагласувајќи дека без соработката со нив вакви проекти не би можеле да се реализираат.
„Оваа повеќенаменска инвестиција ја изведуваме во соработка со Министерството за одбрана. Рокот за изградба е 24 месеци, но ќе направиме напори објектот да се стави во функција што е можно побрзо“, додаде Ристовски.
Инвеститор на проектот е Министерството за спорт, а вкупната вредност изнесува 64.780.000 денари.
Иако по завршувањето, спортската сала ќе биде дадена на трајно користење на Министерството за одбрана, таа ќе биде достапна и за ученици од општината Аеродром и за млади кои рекреативно спортуваат.
Министерот даде коментар и за актуелната ситуација поврзана со Олимпискиот комитет, истакнувајќи дека Министерството за спорт нема намера директно да се вмешува во неговата работа. Објасни дека Олимпискиот комитет е самостоен спортски субјект, како и дека јјаследат состојбата поврзана со младинските олимписки игри. „Дел од организацијата беше коректен, но за жал, процесот се исполитизира, на штета на претставувањето на државата“, рече тој.
Во однос на очекуваното преземање на спортскиот објект на УКИМ, Ристовски истакна дека Министерството е подготвено да започне со активности веднаш штом технички биде завршена документацијата. „Очекувам уште пред избори да стартуваме со активности и таму“, најави тој.
Запрашан за говорот на омраза на спортски натпревари, конкретно во Куманово, Ристовски апелираше за одговорно однесување.
„Како Министерство немаме директна ингеренција врз навивачките групи, но упатувам апел дека во Македонија нема место за такви скандирања. Ќе работиме на едукација – и на навивачите и на публиката – со цел спортот да остане позитивен и обединувачки“, порача министерот и дополни дека за конкретни случаи може само да соработува со МВР.