Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во моментот на територијата на државата се активни четири пожари, додека два се ставени под контрола. Активните пожари се евидентирани во општините Чашка, Липково, Студеничани и Македонски Брод.
Во општина Чашка, над селото Богомила, гори мешана шума, додека во Липково, помеѓу селата Ваксинце и Слупчане, пожарот зафатил нискостеблеста шума. Пожар во шума на планински терен е активен и во општина Студеничани, кај селото Дречавица, додека во Македонски Брод, во близина на селото Грешница, гори деградирана нискостеблеста шума.
Под контрола се пожарите во општина Долнени, кај селото Стровија, зад местото викано Гајдарец – Клепало, и во општина Желино, кај селото Церово, каде што горела мешана шума.
ЦУК соопшти дека во текот на изминатото деноноќие се регистрирани вкупно 23 пожари, од кои 17 се успешно изгаснати. Надлежните служби и натаму се на терен и апелираат за претпазливост и навремено пријавување на пожари.