УТРО.мк

Поранешен аналитичар на ЦИА ги откри тајните планови на Израел за напад, па доби затворска казна

Поранешен аналитичар на ЦИА ги откри тајните планови на Израел за напад, па доби затворска казна
Vero

Поранешен аналитичар на ЦИА осуден за откривање израелски воени планови за напад врз Иран

Поранешниот аналитичар на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Асиф Вилијам Рахман (34), е осуден на 37 месеци затвор поради незаконско откривање строго доверливи документи што ги разоткриваат израелските воени подготовки за можен напад врз Иран.

Како што соопшти американското Министерство за правда, Рахман во јануари годинава се изјаснил за виновен по две точки од обвинението – чување и пренесување информации од витално значење за националната безбедност, согласно Законот за шпионажа на САД.

Истрагата открила дека Рахман, искористувајќи го својот пристап до највисоко ниво на доверливост, печател, фотографирал и дистрибуирал чувствителни документи. Дел од материјалите биле објавени во октомври 2024 година на канал на социјалната мрежа Телеграм, поврзан со структури блиски до иранските власти.

Откриени тајни информации за израелските воени и нуклеарни капацитети

Документите биле класифицирани како „строго доверливо“ и биле наменети исклучиво за членовите на разузнавачкиот сојуз „Пет очи“ – САД, Велика Британија, Канада, Нов Зеланд и Австралија. Тие содржеле американска проценка за можните израелски воени активности против Иран, вклучително и податоци за движење на воени сили и подготовки за воздушни напади.

Еден од документите содржел и информации за нуклеарниот капацитет на Израел – податоци кои официјален Тел Авив никогаш јавно не ги потврдил.

„Асиф Рахман со месеци го предавал американскиот народ и заклетвата што ја дал при преземањето на должноста, откривајќи некои од најстрого чуваните државни тајни“, изјави Џон Ајзенберг, помошник-државен обвинител на САД за национална безбедност.

Уапсен во Камбоџа, пренесен на Гуам

Рахман бил уапсен во Камбоџа, каде што работел во странство, а подоцна бил екстрадиран на територијата на САД – конкретно на островот Гуам, каде што му било подигнато обвинение.

Во исто време кога доверливите информации биле објавени, тогашниот американски претседател Џо Бајден изрази „длабока загриженост“ поради протекувањето на чувствителни податоци.

Инаку, кон крајот на октомври минатата година, Израел изврши серија воздушни напади врз ирански воени цели, како одговор на ракетни напади што претходно биле извршени од страна на Техеран.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран