Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнаа масовна воздушна операција со кодно име „Лавовски подем“, во која преку ноќ беа погодени клучни воени и нуклеарни цели во Иран, вклучувајќи го и главниот град Техеран.
Во рамките на операцијата, Израелските воздухопловни сили (ИАФ) извршија неколку бранови напади во различни региони на Иран. Мета на ударите беа воени бази, командни центри и инфраструктура поврзана со нуклеарната програма на земјата.
Меѓу целите беше и нуклеарниот објект во Натанц, еден од стратешки најзначајните објекти за збогатување ураниум. Според израелски извори, нападот има за цел „неутрализирање на егзистенцијалната закана“ што ја претставува иранската нуклеарна програма.
Во нападот биле убиени неколку високи ирански воени команданти, меѓу кои и началникот на Генералштабот на вооружените сили, команданти на Корпусот на Исламската револуционерна гарда и низа научници поврзани со нуклеарните истражувања.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека објектите за збогатување ураниум во Фордо не биле оштетени.
Операцијата доаѓа по ескалација на тензиите меѓу двете држави и претставува најголем директен израелски удар врз територијата на Иран досега. Реакцијата на Техеран сè уште се очекува, додека меѓународната заедница повикува на воздржаност и спречување на поширок регионален конфликт.