Полскиот премиер Доналд Туск откри дека украинскиот претседател Володимир Зеленски во неодамнешен разговор му рекол дека Украина е подготвена да продолжи со отпорот против руската инвазија уште неколку години. Оваа информација Туск ја сподели во интервју за The Sunday Times.
Туск пренесе дека Зеленски ја изразил својата решителност: „Немам сомнеж дека Украина ќе преживее како независна држава. Сега главното прашање е колку жртви ќе има. Претседателот Зеленски ми рече дека се надева дека војната нема да трае десет години, но Украина е подготвена да се бори уште две, три години“.
Полскиот премиер истакна дека Киев е загрижен за долгорочните последици од војната врз населението и економијата ако конфликтот продолжи. Тој се осврна и на состојбата во Русија, нагласувајќи дека војната ѝ нанесува штета на руската економија, но предупреди дека внатрешната дестабилизација во земјата не би значела крај на конфликтот, туку би можела да го направи претседателот Владимир Путин уште поагресивен.
„Русите економски се во сериозни проблеми. Дали тоа значи дека победуваме? Никогаш. Тие имаат една голема предност пред Западот, особено пред Европа: спремни се да се борат“, додаде Туск.
Туск повторно ја истакна важноста од европското единство и солидарност со Украина, нагласувајќи дека никој не смее да врши притисок врз Зеленски за територијални отстапки во конфликтот со Русија.































