Израелската влада соопшти дека идентификувала високо позициониран ирански функционер како главен организатор на неуспешни терористички напади во неколку европски земји и во Австралија.
Во заедничко соопштение на израелската разузнавачка агенција Мосад и кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху се наведува дека станува збор за високорангиран претставник на Иран.
Според Израел, Техеран ги засилил активностите насочени кон напади на израелски и еврејски цели ширум светот по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Во соопштението се вели дека обиди за напади во Германија, Грција и Австралија биле спречени со помош на Мосад. Како организатор е посочен Сардар Амар, висок командант на Иранската револуционерна гарда (IRGC).
„Под команда на Амар беше воспоставен механизам за координација на напади врз израелски и еврејски цели во Израел и во странство“, стои во соопштението. „Овој механизам е директно одговорен за неколкуте обиди за напади откриени во Грција, Австралија и Германија во изминатата година.“
Во јуни, германските обвинители објавија дека дански државјанин бил осомничен за шпионирање на еврејски институции и поединци во Берлин, како и интернет-страници поврзани со Израел, по нарачка на иранската разузнавачка служба.
Мажот, 53-годишен со потекло од Авганистан, подоцна бил уапсен во данскиот град Орхус. Обвинителството соопшти дека надзорот што го вршел можел да биде дел од подготовките за напади.
Иран, пак, ги отфрли обвинувањата за шпионажа, оценувајќи ги како „неосновани и опасни“, додека иранската амбасада во Берлин изјави дека станува збор за „обид да се одврати вниманието од израелската војна против Иран“.































