Американскиот милијардер Илон Маск денеска ја објави веста дека официјално основал нова политичка партија во САД, наречена „Американска партија“. Со ова, тој најави влез во политичката арена со амбиција да понуди алтернатива на двопартискиот систем кој, според него, го води народот кон финансиска и морална пропаст.
„Кога станува збор за банкротирање на нашата земја преку расипништво и корупција, ние не живееме во вистинска демократија, туку во еднопартиски систем,“ напиша Маск на социјалната мрежа Х. „Денес, Американската партија е формирана за да ви ја врати слободата.“
Објавата доаѓа само еден ден по неговата анкета на истата платформа, во која повеќе од две третини од испитаниците ја поддржале идејата за создавање на нова политичка сила.
Формирањето на новата партија предизвика бурни реакции во американската јавност и меѓународните медиуми, а аналитичарите очекуваат овој потег да внесе нова динамика во претстојните изборни процеси. Сè уште не е познато дали Маск планира и лично да се кандидира за некоја функција, но неговиот чекор се толкува како директен предизвик за сегашното политичко водство, вклучително и за претседателот Доналд Трамп.