
Иранската Исламска револуционерна гарда тврди дека преместила дел од производството на ракети во подземни објекти за да може да продолжи и при бомбардирање. Портпаролот на Гардата, бригадниот генерал Хосеин Мохеби, најави и дека Иран би открил и ставил во употреба ново оружје доколку дојде до нов бран судири, пренесе иранската државна агенција ИРНА.
Мохеби ги опиша подземните објекти како „ракетни градови“. Според него, преместувањето под земја ѝ овозможило на Гардата да го одржи производството и покрај нападите. Тој рече дека противниците на Иран ја следат потрошувачката на ракети, но, според неговата оценка, ја потценуваат способноста на земјата да ги обновува залихите.
Портпаролот најави оружје што, како што рече, „ќе го изненади целиот свет“, но не откри за каков систем станува збор. Тој тврдеше и дека иранската технологија ги направила неефикасни противвоздушните системи ТХААД и „Патриот“. Во извештајот на ИРНА не се наведува независна потврда за тоа тврдење.























