
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика жителите на украинската престолнина да размислат како би постапиле при сериозни прекини во снабдувањето во текот на зимата. Во интервју за украинскиот јавен сервис „Суспилне“, тој рече дека градот се подготвува за повеќе сценарија и дека би било грешка да се занемари најтешкото.
Кличко нагласи дека повикот има цел да ги поттикне граѓаните да се подготват навреме и изрази надеж дека Киев ќе го избегне најлошото сценарио.
Како особено ранлив го посочи системот за централно греење, кој, според него, минатата зима морал повторно да се пушта во работа десетици пати. Тој предупреди и дека при сериозни оштетувања на енергетската инфраструктура, резервните генератори не можат да ги покријат потребите за струја на целиот град.
Градските власти обезбедиле резерви на вода за пиење, храна и лекови, како и бунари опремени со генератори за снабдување со вода при прекин. Кличко ги повика и жителите да направат сопствен план за таква ситуација.























