Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес предупреди дека европската транзиција кон поскапи извори на енергија, како замена за рускиот гас, ќе го забрза падот на економскиот потенцијал и конкурентноста на Европската Унија.
„Откажувањето од рускиот гас ќе ги принуди европските земји да се потпираат на значително поскапи извори на енергија, што неизбежно ќе влијае врз економијата и ќе го забрза процесот на губење водечка позиција во светот“, изјави Песков во реакција на зборовите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Европа ќе стане независна од рускиот гас, пренесува „РИА Новости“.
Тој додаде дека цената на алтернативните извори често е повисока од рускиот гас, што дополнително ќе го оптовари економскиот систем на ЕУ.
Денес, Европскиот совет соопшти дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година. Новата регулатива предвидува фазa на забрана за увоз на течен природен гас (ЛНГ) и гас преку цевководи, со целосна забрана која ќе почне кон крајот на 2026 година за ЛНГ и во есента 2027 година за цевководите. Договорот сè уште треба да биде формално одобрен од Советот и Парламентот.
Според податоците на „Танјуг“, уделот на рускиот гас во увозот на ЕУ падна на 12 проценти во октомври, значително помалку од 45 проценти пред почетокот на војната во Украина во 2022 година.

























