Стотици жители на Брисел во понеделникот излегоа на протест, реагирајќи на фактот дека „главниот град на Европа“ повеќе од 500 дена е без функционална регионална влада.
Регионалната власт на Брисел, надлежна за управување со белгискиот главен град, не е формирана од изборите во јуни 2024 – период кој достигна 543 дена. Со тоа беше надминат и претходниот белгиски рекорд, кога земјата во 2010/11 година чекаше 541 ден за формирање влада.
Светскиот рекорд го држи Северна Ирска со 729 дена без влада, но тој не се смета во Гинисовата книга на рекорди затоа што опфаќа само независни држави.
Можноста за формирање влада во скоро време останува мала. Поделбите меѓу 14-те партии претставени во регионалниот парламент со 89 места остануваат длабоки, а несогласувањата често добиваат и личен тон.
Во понеделникот беше објавено и отворено писмо потпишано од речиси 200 претставници од бизнис-заедницата, академската сфера и културата, во кое се изразува загриженост што „Брисел веќе 541 ден се наоѓа во сериозна институционална и финансиска криза“.
Потписниците предупредуваат дека политичката блокада има реални последици врз секојдневниот живот и дека економските, социјалните, климатските и институционалните предизвици со кои се соочува регионот бараат итно дејствување.
Локалниот медиум „Бруз“ проценува дека во услови на актуелниот политички ќор-сокак, буџетскиот дефицит на регионот може да достигне 1,6 милијарди евра до крајот на годинава, а една голема банка веќе ја повлекла кредитната линија од 500 милиони евра.


























