Десет осигурителни компании беа казнети со вкупно 17.266.930 денари поради картелско договарање на цените на автомобилското осигурување, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата. Казната се однесува на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност, задолжителното осигурување кое секој сопственик на моторно возило мора да го плати при регистрација на возилото.
Според соопштението на Комисијата, решението е донесено по утврдување на постоење на усогласено однесување, односно картел, помеѓу следните десет компании: ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, АД МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ – ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП, САВА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ЕУРОЛИНК АД СКОПЈЕ, ГРАВЕ АД СКОПЈЕ, УНИКА АД СКОПЈЕ, АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ, ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ и КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ.
Во рамки на постапката, Комисијата утврди дека компаниите во периодот од 1 март до 7 мај 2024 година разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност, познат како „режиски додаток“.
Од Комисијата нагласуваат дека ваквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата по своја цел, што според член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата се смета за најтешка форма на повреда. Размената на информации и паралелното донесување ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането.


























