УТРО.мк

Македонските домаќинства фрлаат 86 килограми храна годишно по жител

Македонските домаќинства фрлаат 86 килограми храна годишно по жител
Vero

Македонските домаќинства во просек фрлаат по 86 килограми храна годишно по жител, што е за 17 килограми повеќе од просекот во Европската Унија. Над европскиот просек е и количината на отпад од храна што се создава во рестораните и малопродажбата.

Според податоците од Индексот на отпад од храна на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), домаќинствата во Македонија во 2024 година создале вкупно 179.311 тони отпад од храна, односно околу 86 килограми по човек годишно.

Во рестораните и услугите за исхрана биле создадени 51.283 тони отпад од храна, што е околу 25 килограми по жител, додека во малопродажбата биле регистрирани 30.755 тони или околу 15 килограми по човек.

Во Европската Унија, домаќинствата во просек создаваат 69 килограми отпад од храна по жител годишно. Рестораните и услугите за исхрана создаваат по околу 15 килограми, а малопродажбата околу 10 килограми по жител.

Тоа значи дека македонските домаќинства создаваат по 17 килограми повеќе отпад од храна од европскиот просек, рестораните и услугите за исхрана по 10 килограми повеќе, а малопродажбата по околу 5 килограми повеќе по жител.

На глобално ниво, проблемот е уште поголем. Според УНЕП, во светот годишно се фрлаат околу 1,05 милијарди тони храна, што претставува 19 проценти од храната достапна за потрошувачите.

Домаќинствата ширум светот се одговорни за најголемиот дел од отпадот од храна и секојдневно фрлаат повеќе од една милијарда оброци. На домаќинствата им припаѓаат околу 60 проценти од вкупниот отпад од храна, додека рестораните и хотелите учествуваат со 29 проценти, а малопродажбата со 12 проценти.

Според Евростат, во Европската Унија во 2024 година секој жител генерирал околу 129 килограми отпад од храна, вклучувајќи ги и јадливите и нејадливите делови. Тоа е благ пораст од 0,7 проценти во однос на 2023 година.

Домаќинствата учествуваат со најголем дел од овој отпад – 53 проценти, односно околу 69 килограми по жител. Рестораните и услугите за исхрана учествуваат со 12 проценти, или околу 15 килограми по жител.

Во Македонија, сепак, нема официјална статистика која прецизно го мери само отпадот од храна. Државниот завод за статистика го следи вкупниот собран органски отпад, во кој покрај храната влегуваат и други видови органски отпад, како лисја и слично.

Според ДЗС, во 2025 година биле собрани вкупно 639.668 тони комунален отпад, од кои 34.757 тони биле органски отпад. Годишното количество создаден комунален отпад по жител изнесувало 417 килограми, што е за 4,8 проценти помалку во споредба со 2024 година.

Околу 84 проценти од вкупно собраниот комунален отпад потекнувал од домаќинствата, додека комерцијалниот отпад учествувал со 16 проценти. Речиси целото собрано количество комунален отпад – 99,8 проценти – завршило на депонија.

Методологијата на Евростат го следи отпадот од храна низ сите фази на синџирот на снабдување – од примарното производство, преку преработката и малопродажбата, до рестораните и крајната потрошувачка.

Во отпад од храна се вбројуваат и јадливите и нејадливите делови од храната, доколку храната влегла во синџирот на снабдување, а потоа била отстранета или исфрлена и на крајот наменета за третман како отпад.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран