УТРО.мк

Германија до ЕУ: Балканот не може бескрајно да чека

Германија до ЕУ: Балканот не може бескрајно да чека
Vero

Германија врши притисок врз земјите членки на Европската Унија да го забрзаат процесот на проширување кон Западен Балкан, предупредувајќи дека долгогодишното одложување може да го наруши кредибилитетот на Унијата во регионот.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, по состанокот во Будва одржан во рамки на Берлинскиот процес, порача дека процесот на проширување се наоѓа на пресвртница.

Вадефул потсети дека ЕУ уште на самитот во Солун во 2003 година дала ветување за европска перспектива на земјите од Западен Балкан.

„Не ги исполнивме нашите ветувања“, изјави германскиот министер, повикувајќи ги членките на ЕУ да покажат дека ветувањето од Солун сè уште е реално и дека Унијата останува веродостоен партнер за регионот.

Берлинскиот процес беше започнат во 2014 година, за време на мандатот на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да се поттикнат регионалната соработка и европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

Вадефул предупреди и на конкуренцијата за влијание во регионот, алудирајќи на други глобални сили.

Слична порака упати и австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер. Таа оцени дека ЕУ мора да реагира побрзо и да избегне долготрајни бирократски процеси.

„Ако оставиме дури и најмал простор, веднаш ќе се појават други сили и ќе го искористат тоа“, рече таа.

Во меѓувреме, Црна Гора продолжува да се смета за земја која е најнапредната во процесот на пристапување кон ЕУ. Црногорските власти имаат цел земјата да стане членка во 2028 година.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос ги пофали реформските напори на Подгорица, наведувајќи дека досега се затворени 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја.

Според Кос, постои можност Црна Гора да ги заврши преговорите до крајот на оваа или почетокот на следната година, по што би следувал процесот на ратификација.

Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ порача дека граѓаните очекуваат конкретни придобивки од европската интеграција и оцени дека земјата заслужува побрзо напредување кон членството.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран