По повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Лајонс клубот Кабадаја организираше хуманитарен хепенинг под мотото „Сонцето свети за сите или обоиме во пријател“.

Настанот, кој се одржа во Битола, беше можност децата преку цртежи и пораки да изразат својата креативност и да покажат дека секое дете треба да биде дел од секојдневието – во играта, во училиштето, во домот и во општеството. Оваа година хепенингот се одржа по 15-ти пат, во соработка со ресурсниот центар „Кочо Рацин“ Битола, училиштата од градот, општината и Центарот за социјални работи.

Претседателката на Лајонс клубот, Емилиа Ѓероска, истакна дека целта не е само да се одбележи денот, туку преку процесот на подготовка децата да станат свесни дека сите деца, без разлика на различностите, имаат исто место под едно сонце.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој присуствуваше на настанот, рече дека и покрај облачниот ден, децата го донеле сонцето. „Ќе има и други настани за да покажеме дека сите сме еднакви, знаеме да ги почитуваме различностите и инклузијата е дел од образовниот процес, домот и општеството. Локалната самоуправа заедно со институциите се грижи овие деца да бидат дел од системот и да не почувствуваат разлика“, истакна Коњановски.

Тој ги покани децата за новогодишните празници на платото пред Офицерскиот дом заедно со Дедо Мраз на празнична дружба.
Директорката на Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“, Драгана Кирковска, истакна дека општеството е инклузивно и дека децата се прифаќаат како во редовните така и во ресурсните училишта, додавајќи дека овој ден е потсетник дека сите светиме под исто сонце и треба постојано да се поддржуваме.


























