Пентагон потврди дека денеска воени бази на САД во Катар и Ирак биле цел на балистички ракетни напади од страна на Иран. Според неименуван американски претставник кој говорел за „Фокс њуз“, засега нема информации за настрадани американски војници.
„Можам да потврдам дека воздушната база Ал-Удеид беше нападната со балистички ракети со краток и среден дострел, лансирани од Иран. Во моментов нема извештаи за американски жртви. Внимателно ја следиме ситуацијата и ќе објавиме дополнителни информации кога ќе бидат достапни“, изјави претставникот.
Катарските власти истовремено соопштија дека нивната противвоздушна одбрана успеала да пресретне дел од ракетите насочени кон Ал-Удеид – најголемата американска база на Блискиот Исток.
Иранската државна телевизија објави дека нападот бил одмазда за неодамнешниот напад на американскиот претседател Доналд Трамп врз иранскиот нуклеарен програм.
Ситуацијата се развива, а меѓународната заедница со зголемена загриженост ги следи случувањата во Персискиот Залив.