Американското Министерство за одбрана објави снимки и фотографии од седум стратешки бомбардери B-2A „Spirit“, кои на 20 јуни полетаа од базата Вајтмен во Мисури, во рамки на операцијата „Полноќен чекан“ — воздушен напад врз иранските нуклеарни постројки.
Секој авион бил вооружен со две супер-тешки бомби GBU-57A/B „Massive Ordnance Penetrator“ (MOP), т.н. „разурнувач на бункери“, тешки по 13.600 килограми, дизајнирани за уништување на подземни и утврдени цели. Според објавената документација, бомбардерите се вратиле во САД на 22 јуни, по повеќе од 36 часа непрекинат лет.
Во координација со Израел, САД во раните утрински часови на 22 јуни извршија прецизен напад врз три главни ирански нуклеарни локации: Фордо, Натанз и Исфахан. Централна мета бил подземниот објект Фордо, кој бил гаѓан со MOP бомби способни да пробијат повеќеслојни бетонски и земјени заштити.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека сите цели биле успешно погодени и дека нападот имал за цел да го запре напредокот на иранската нуклеарна програма и да го врати Техеран на преговарачката маса по неуспехот на дипломатските напори.
Пентагон потврди дека се истрелани вкупно 75 прецизни проектили, вклучително и над дваесетина „Томахавк“ ракети, во најголемата координирана акција против Иран досега.