Патнички авион со 176 лица на бордот бил принуден итно да слета на Меѓународниот аеродром Лал Бахадур Шастри во Варанаси, Индија, по закана за поставена бомба. Летот бил од Мумбаи до Варанаси и бил закажан да трае околу два часа.
Веднаш по слетувањето биле активирани протоколите за итни случаи, а сите патници и членови на екипажот биле безбедно евакуирани. Немало пријавени повреди, објави „Индипендент“.
Експертите за деактивирање бомби извршиле детална безбедносна проверка на авионот, но не биле пронајдени никакви сомнителни предмети. Авионот останува во карантин додека не се завршат сите безбедносни проверки пред да се врати во употреба.
Индиската новинска агенција „Јунајтед њуз оф Индија“ соопшти дека заканата се покажала како лажна.























