Неверојатна појава на аурора бореалис го осветли небото над италијанската долина Вале д’Аоста во вторник, 12 ноември, претворајќи го регионот во магична сцена со силни црвени и виолетови тонови што ја опкружија и величествената планина Матерхорн.
Матерхорн, еден од најпрепознатливите алпски врвови на границата меѓу Италија и Швајцарија, беше дел од овој редок визуелен спектакл што се прошири низ голем дел од Европа. Британските медиуми јавуваат дека феноменот бил предизвикан од силна геомагнетна бура од класа G4.
Канадскиот астрофизичар д-р Џеси Роџерсон објаснува дека Северната светлина се создава кога огромни облаци од протони и електрони, исфрлени за време на сончеви експлозии, ќе се заробат во магнетното поле на Земјата и ќе дојдат во контакт со атмосферата. Тоа ослободува енергија која ја претвора ноќта во подвижна игра од светлина и бои.
Тој додава дека најдобар начин да се набљудува овој феномен е во области со ниско светлосно загадување и чисто небо. Бидејќи Сонцето се наоѓа на врвот на својот 11-годишен циклус, ваквите појави се почести и поинтензивни.
Експертите очекуваат поларните светла да продолжат да се појавуваат и во следните денови, дури и на географски широчини каде што ретко се видливи, бидејќи наелектризираните честички најсилно дејствуваат во близина на земјините половите.























