Кениската влада предупредува на растечки број случаи на граѓани кои, наместо ветена работа во странство, завршиле како платеници во војната во Украина на страната на руската армија. Според официјалните информации, повеќе од 200 државјани на Кенија биле измамени и испратени на фронтот.
Министерката за надворешни работи и дијаспора, Мусалија Виклиф Мудавади, објави дека меѓу регрутираните има и поранешни припадници на кениските безбедносни сили. Таа предупреди дека руските активности за регрутирање странски борци се прошируваат и сè почесто вклучуваат африкански државјани.
„Ситуацијата е многу загрижувачка. Граѓаните мора да бидат претпазливи и да не прифаќаат понуди што звучат предобро за да бидат вистинити“, истакна Мудавади.
Кенискиот претседател Вилијам Руто веќе побара ослободување на заробените Кенијци за време на неодамнешниот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Слични пријави стигнуваат и од други африкански држави. Јужна Африка објави дека дипломатски работи на враќање на 17 граѓани намамени со ветувања за високи плати, кои на крај завршиле заробени во регионот Донбас.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, соопшти дека над 1.400 државјани од 36 африкански земји моментално се борат на страната на Русија во Украина.























