Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва официјално ги објави имињата на новите вршители на должноста директори во четирите најзначајни јавни претпријатија што се под ингеренција на Градот.
Во ЈП „Улици и патишта“ на чело ќе застане Борис Настов, кој и претходно ја извршуваше оваа функција во почетниот период од мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Нов в.д. директор на „Водовод и канализација“ е Иван Митровски, досегашен заменик-градоначалник на Општина Кисела Вода.
Во ЈСП Скопје функцијата в.д. директор ќе ја преземе Саше, кој има повеќегодишно искуство во претпријатието и одлично ги познава сите негови оперативни процеси. Во „Комунална хигиена“ нов в.д. директор ќе биде Драги, човек со долга кариера во комуналниот сектор, за кого Ѓорѓиевски истакна дека се покажал особено успешно за време на големата акција „72 часа“.
Градоначалникот нагласи дека изборот бил направен врз основа на професионални компетенции, а не врз основа на партиска или јавна припадност.























