Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Украина ќе мора да се откаже од дел од својата територија во замена за мир со Русија, што предизвика жестока реакција од украинскиот лидер Володимир Зеленски. Тој изјави дека таквиот чекор би значел кршење на уставот и порача: „Украинците нема да ја подариме нашата земја на окупаторите.“
Иако Трамп не прецизираше за кој регион станува збор, украинските и западните аналитичари укажуваат дека станува збор за Донбас – област која Русија делумно ја контролира уште од 2014 година и која е клучна за украинската индустрија. Зеленски предупреди дека Москва сака да ја „превари Америка“ и додаде дека Украина ќе се бори да не дозволи таков исход, иако останува отворена за „одржлив мир“.
Русија моментално држи значителен дел од Донбас, но над 7.000 квадратни километри сè уште се под украинска контрола. Западните воени експерти проценуваат дека на руските сили ќе им бидат потребни најмалку уште две години за да ги освојат тие позиции – ако воопшто успеат.
Зеленски повика на засилени санкции и економски притисок врз Русија, обвинувајќи ја дека не презела ниту еден конкретен чекор кон мир. Украинските медиуми предупредуваат дека најлошото сценарио за Киев би било Трамп да го натера Зеленски да нареди повлекување на војската од Донбас во замена за безбедносни гаранции, продолжена воена помош и забрзан пат кон ЕУ и НАТО. Според уставот на Украина, за официјално признавање на загуба на територија е потребен референдум, но за повлекување на трупите доволна е одлука на военото раководство.