УТРО.мк

Трамп за 90 дена ја одложи одлуката за високи царини на кинеска стока

Трамп за 90 дена ја одложи одлуката за високи царини на кинеска стока
Vero

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја одложи примената на високите царини на кинеската стока, продолжувајќи го рокот за уште 90 дена, до 9 ноември, пренесува The Guardian. Одлуката била донесена само неколку часа пред истекот на 90-дневното примирје постигнато во мај меѓу двете најголеми светски економии.

Кинеското Министерство за надворешни работи изрази надеж дека Вашингтон ќе работи на „позитивни“ исходи во трговските преговори, врз основа на еднаквост, почитување и взаемна корист. Продолжувањето на рокот било очекувано по последната рунда разговори во Стокхолм минатиот месец, кога американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека „постои основа“ за трговски договор со Кина.

Трамп претходно најави можни царини до 245% за кинеската стока, додека Пекинг одговори со закани за контрамерки до 125%. Во моментов, кинескиот извоз во САД е оптоварен со основна царина од 10% плус дополнителни 20% поради американските обвинувања за криумчарење фентанил, додека американскиот извоз во Кина има просечна царина од околу 30%.

Економистите и американската централна банка предупредуваат дека зголемувањето на царините ќе доведе до повисоки цени во САД. Според проценките на Goldman Sachs, американските потрошувачи до јуни 2025 година покривале 22% од трошокот за царините, а тој удел би можел да порасне на 67%.

Во пресрет на истекот на рокот, производителите на чипови Nvidia и AMD се согласија да плаќаат 15% од приходите од продажбата на напредни чипови во Кина за да обезбедат извозни дозволи. Поранешниот американски трговски преговарач Стивен Олсон оцени дека ова претставува „монетизација на американската трговска политика“ и предупреди дека станува збор за „опасен преседан“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран