Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе се одржи во петок во Анкореџ, Алјаска, објави Белата куќа. Портпаролката Каролин Ливит на прес-конференција истакна дека Трамп ќе отпатува на средбата која ќе биде еден на еден.
На прашањето како Трамп ќе ја мери успешноста на самитот, Ливит рече дека претседателот ќе разговара со медиумите по состанокот и дека средбата ќе биде „вежба во слушање“ за него. Таа најави и можност Трамп во иднина да ја посети Русија.
Кремљ и Белата куќа претходно најавија дека Путин и Трамп ќе се сретнат на Алјаска на 15 август. Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека самитот е „лична победа“ за Путин, нагласувајќи дека средбата на американска територија ја крши изолацијата на рускиот претседател и може да одложи нови санкции кон Москва.
На прашањето зошто Зеленски не беше поканет, Ливит појасни дека средбата е иницирана од руска страна преку специјалниот пратеник Стив Виткоф, и дека Трамп го прифатил повикот токму на таа основа. Таа нагласи дека претседателот Трамп верува оти непосредниот разговор со Путин е најдобриот начин да се најде пат за завршување на војната.
Иако сега нема трилатерален состанок, Ливит рече дека Трамп се надева дека во иднина ќе се одржи средба и со Зеленски. Главната цел на овој состанок е подобро разбирање меѓу двете страни како да се стави крај на конфликтот.