Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изнесе свое објаснување зошто руските сили не го зазедоа Киев на самиот почеток на инвазијата во февруари 2022 година.
„Русите ќе беа во Киев за 4 часа да поминеле по автопатот. Но, рускиот генерал донесе ‘брилјантна‘ одлука да одат преку полињата. Паѓаа огромни количини дожд и тенковите заглавија во калта. Не знам кој е тој генерал, но колку што го познавам Владимир (Путин), веројатно веќе не е на функција“, изјави Трамп.
Слична изјава даде и во мај, истакнувајќи дека „Путин не изгледа добро“ и потсетувајќи дека „сѐ требаше да биде готово за една недела“. Тој додаде дека доколку тенковите не заглавеа во калта, руските сили ќе стигнеле во Киев за околу пет часа.
Во согласност со анализите на многу воени експерти, руските тенкови се заглавија во пролетната кал, поради лошото времето и погрешното време на почетокот на инвазијата. За само еден месец од почетокот на војната, Русија загуби речиси 1.900 тенкови, оклопни возила и камиони, од кои 939 беа уништени, 35 оштетени, 229 напуштени, а 688 заробени од украинските сили.