Украина разгледува можност за прекин на огнот и де факто признавање на руската контрола врз веќе окупираните делови од Луханск, Донецк, Запорожје, Херсон и Крим, како дел од мировен план со поддршка на Европа, пишува The Telegraph. Претседателот Володимир Зеленски порача до европските лидери да одбијат било какво решение на американскиот претседател Доналд Трамп кое би вклучувало откажување од дополнителна територија, но остави простор за компромис околу веќе загубените области.
Овој потенцијален пресврт доаѓа во пресрет на клучната средба меѓу Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, закажана за петок на Алјаска. Во Киев и европските престолнини расте стравот дека двајцата би можеле да постигнат договор зад грбот на Украина. Според западни извори, планот би се темелел на замрзнување на линиите на фронтот и повлекување на украинските сили од делови од Донецк и Луханск кои сè уште ги контролираат.
Европските дипломати предупредуваат дека воените цели на Москва остануваат непроменети – уривање на прозападната власт во Киев, блокирање на членството во НАТО и демилитаризација на Украина. Иако Киев наводно е подготвен на територијален компромис, Зеленски бара силни безбедносни гаранции во форма на продолжена испорака на оружје и јасен пат кон НАТО.
Европските престолнини застанаа зад оваа визија за да му пратат сигнал на Трамп дека „црвената линија“ на Украина и Европа е јасна – без откажување од територии кои сè уште се под украинска контрола. „Државните граници не можат да се менуваат со сила“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.
Трамп, пак, најави дека на средбата со Путин ќе се обиде да „врати дел од територијата на Украина“ и ја опиша средбата како „испитување на теренот“ за прекин на војната. „Ќе знам за две минути дали е можно да се постигне договор, затоа што тоа е она што го правам – склучувам зделки“, рече тој.
Русија во моментов контролира околу 20% од украинската територија во рамките на меѓународно признатите граници од 1991 година, а уставот на Украина бара референдум за официјално признавање на загубата на било кој дел од земјата.