Во понеделник во Јужното Кинеско Море дојде до несекојдневен инцидент кога кинески воен брод и брод на кинеската Обална стража се судрија додека со голема брзина го прогонија филипинскиот патролен брод BRP Suluan, соопшти филипинската Обална стража, пренесува Business Insider.
На снимката што ја објави портпаролот на филипинската Обална стража, Џеј Тариела, се гледа како бродот на Обалната стража користи воден топ само 11 наутички милји од спорниот гребен Скарборо Шоал, кога нагло удри во кинески разурнувач кој одеднаш се најде меѓу двата брода.
Снимките од BRP Suluan прикажуваат значителни оштетувања на труповите на двата кинески брода. Според Тариела, кинескиот брод извршил „ризичен маневар“ што довел до судар и направил тешки оштетувања, поради што двата брода повеќе не се способни за пловидба. Филипинската Обална стража понудила помош за спасување и медицинска грижа, иако сè уште нема информации за евентуални повредени.
Министерството за одбрана на Филипини го нарече инцидентот „одвратен и бесмислен“, додека кинеското Министерство за надворешни работи избегна директен коментар и повторно ги обвини Филипините за „повреда на кинескиот суверенитет“.
Судирот доаѓа во услови на сè почести тензии меѓу двете земји околу гребенот Скарборо Шоал, кој и Пекинг и Манила го сметаат за своја територија.