Историски минимум на невработеноста во Русија – најниска стапка од 1991 година
Според податоците на руската Федерална служба за економска статистика (Росстат), стапката на невработеност во Русија во мај 2025 година изнесувала 2,2 отсто – што претставува најниско ниво од почетокот на водењето на оваа статистика во 1991 година.
Претходниот рекорд од 2,3 проценти беше забележан во октомври 2024 година и се задржа во ноември и декември. По кратко зголемување на стапката на невработеност во јануари и февруари 2025 година на 2,4 отсто, во март и април таа повторно се стабилизираше на 2,3 отсто, а сега бележи нов пад.
Вкупниот број на невработени лица во Русија во мај изнесувал 1.653.000, што е за 56.000 лица помалку во споредба со април, јавуваат руските новински агенции.
Министерството за труд на Руската Федерација укажува дека во следните пет години ќе биде потребно да се заменат околу 11 милиони работни места, поради пензионирање на постојните кадри. Од нив, 1,6 милиони се во индустријата, а 1,7 милиони во секторите на образованието и здравството.
Владата најавува долгорочни мерки за зајакнување на пазарот на труд и поддршка на стратешки сектори кои ќе бидат погодени од демографските промени.