Историјата на советската дипломатија го објаснува стилот на преговарање на Путин
Во пресрет на утрешната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска, долгогодишната традиција на советската дипломатија може да помогне да се разбере како ќе преговара рускиот лидер.
Француското онлајн издание „Ле Гранд Континент“ ја анализира статијата на рускиот писател и новинар Леонид Млечин, извлечена од биографијата на поранешниот министер за надворешни работи Евгениј Примаков, една од клучните фигури за разбирање на руската геополитика од ерата на Елцин до Путин.
Млечин ја проучува еволуцијата на советската дипломатија низ призмата на неколку историски фигури, од Троцки до Громико, и ја истакнува врската помеѓу нивните преговарачки стратегии и денешниот стил на Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Корените на овој пристап се поврзуваат со „Сталиновиот чекан“ – Вјачеслав Молотов.
Во текстот се објаснува „Доктрината Громико“:
Барајте максимум и не се плашете да ги преувеличите вашите барања, дури и ако се однесуваат на нешто што никогаш не ви припаѓало.
Поставувајте ултиматуми, заканувајте се со војна, а потоа понудете преговори како излез. Западот често ќе ја прифати „мамката“.
При преговорите не отстапувајте. Вашите соговорници на крајот ќе понудат дел од она што сте го побарале, но инсистирајте на повеќе – кога ќе добиете половина или две третини од она што никогаш не ви припаѓало, можете да се сметате за успешен дипломат.
Сегашната висока претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика, Каја Калас, пред две години ја повтори истата логика на Минхенската конференција, потврдувајќи директен континуитет помеѓу методите на Громико и денешната стратегија на Путин.