
Унгарскиот премиер Виктор Орбан жестоко реагираше на вчерашниот говор на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос. Од Будимпешта велат дека Зеленски „повторно ја нападнал унгарската влада и лично Орбан“, но унгарскиот лидер нагласува дека критиките на украинскиот претседател биле упатени и кон сите други европски лидери.
„Зеленски вели дека помошта што Европа ѝ ја испраќа на Украина е недоволна, дека оружјето е премалку, а решителноста на Европа е на минимум“, напиша Орбан на мрежата Икс. Премиерот веднаш го поврза тоа со одговорот на Брисел: „Не требаше долго да се чека – претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веднаш го презентираше својот патоказ за развој на Украина. Во него, Брисел прифати сè што бараше Киев: 800 милијарди долари, забрзан пристап до ЕУ до 2027 година и поддршка до 2040 година“.
Иако Орбан оцени дека Зеленски „сè погрешил“, тој потенцира дека Европа е подготвена да плати. „А ние ќе испратиме појасна порака – со национална петиција ќе кажеме на Брисел: нема да плаќаме“, заклучи унгарскиот премиер.



























