
Европскиот парламент усвои нови правила за заштита на патниците, со кои треба да се поедностават барањата за враќање пари и компензација при откажување или прекин на патувањето, пренесува „Ројтерс“.
Една од главните промени се однесува на авионските билети купени преку туристички агенции и интернет-платформи. При откажан лет, предвидено е патниците да го добијат целосниот износ, вклучувајќи ги посредничките провизии, во рок од 14 дена.
Авиокомпанијата ќе има седум дена да ги префрли средствата на посредникот, а тој уште седум дена да му ги врати на патникот. Доколку посредникот не го испочитува рокот, авиокомпанијата ќе треба да интервенира за да се обезбеди исплатата.
Агенциите и платформите ќе мора уште при купувањето да ги објаснат постапката и роковите за рефундирање.
Предвидени се и унифицирани обрасци за барање поврат на средства и компензација, достапни на сите официјални јазици на ЕУ преку веб-страницата на Европската комисија.
Дополнителна заштита се предвидува за лицата со попреченост или намалена подвижност. Кога придружбата е неопходна, придружникот ќе може да патува со авион без дополнителна наплата.
Националните надлежни органи ќе добијат пошироки овластувања за проверки и истраги за почитувањето на патничките права, вклучително и без претходно поднесена жалба.
Правилата ги опфаќаат воздушниот, железничкиот, поморскиот и патниот превоз, како и превозот по внатрешните водни патишта.
Измените сè уште треба формално да ги одобри Советот на ЕУ. Според медиумските извештаи, нивната примена се очекува од 23 октомври 2027 година.























