Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина и Соединетите Американски Држави треба да работат заедно за да постигнат „уште поголеми и поконкретни резултати“ за доброто на двете земји и на целиот свет.
Тој го кажа тоа за време на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, по неговото пристигнување во Бусан на 32. Самит на економските лидери на АПЕК во Ѓонгџу, како и во рамки на државната посета на Јужна Кореја.
Си истакна дека Трамп е многу ангажиран во решавањето на регионалните конфликти, а дека и Кина промовира мировни иницијативи со цел надминување на кризите, пренесе Синхуа.
„Светот денес се соочува со бројни тешкотии и предизвици – Кина и САД можат заедно да ја преземат својата одговорност како водечки сили“, рече Си.
Тој нагласи дека двете земји треба да обезбедат стабилен напредок на своите односи, кои ги спореди со „џиновски брод“ што мора внимателно да плови низ немирните води на глобалната политика.
Си потсети дека од повторниот избор на Трамп, двајцата лидери трипати разговарале по телефон, размениле неколку писма и одржувале редовен контакт, што придонело односите меѓу Кина и САД да останат стабилни.
Тој додаде дека економските и трговските тимови на двете земји постигнале основен консензус во последната рунда разговори во Куала Лумпур, создавајќи услови за денешната средба.
„Нормално е двете најголеми економии во светот понекогаш да имаат несогласувања,“ рече Си, додавајќи дека Кина нема да го испали првиот куршум, но никогаш нема да дозволи да биде погодена по втор пат.
„Вие и јас ги предводиме односите меѓу Кина и САД. Соочени со ветрови и бранови, треба да останеме на вистинскиот курс и да обезбедиме стабилна пловидба на џиновскиот брод на нашите односи,“ истакна Си.
Тој рече и дека развојот и подемот на Кина одат рака под рака со визијата на Трамп да ја направи Америка повторно голема, и дека двете земји се способни да си помогнат меѓусебно и заедно да напредуваат.
„Кина и САД треба да бидат партнери и пријатели – тоа нè научи историјата и тоа го бара сегашноста,“ заклучи кинескиот претседател.
Си додаде дека е подготвен да ја продолжи соработката со Трамп за да се зацврсти темелот на кинеско-американските односи и да се создаде поволна атмосфера за развој на двете држави, пренесе Синхуа.































