Полските аеродроми во градовите Радом и Лублин се затворени поради воени воздушни операции, соопшти денес Полската агенција за воздушен сообраќај (PANSA).
Полските воени команданти претходно наведоа дека полските и сојузничките воздушни сили започнале операции поради руски напади на објекти во соседна Украина, пренесе Ројтерс.
„На барање на армијата, Полската агенција за воздушен сообраќај издаде директива за воведување ограничувања во полскиот воздушен простор, вклучувајќи привремено затворање на два аеродроми – во Радом и Лублин“, изјави портпаролот на PANSA, Марчин Хадај, за ТВ TVN24.
Тој додаде дека постојат ограничувања во источниот дел на земјата и дека авионите мора да го избегнуваат тоа подрачје, а аеродромите би можеле да останат затворени околу еден час. Одлуката ќе ја донесат воените органи.
Земјите на источното крило на НАТО се во висока приправност поради можни нарушувања на воздушниот простор од септември, кога три руски воени авиони ја прекршија естонската воздушна граница, а повеќе од 20 руски дронови влегоа во полскиот воздушен простор.
Во вторникот, полските авиони пресретнаа руски авион на извидувачка мисија над Балтичкото Море, кој немаше план на лет и имаше исклучен транспондер.































