Тешка сообраќајна несреќа се случи утрово околу 3:47 часот на патот Белград – Нови Сад, во која животот го загуби 16-годишен џудист од клубот „Партизан“ од Белград, а осум лица се повредени, меѓу кои и возачот на комбето.
Според првичните информации, од засега непознати причини, се превртело патничко комбе марка „Опел Виваро“ со кое управувал С.С. (43). Во возилото се наоѓале осум малолетници, на возраст од 13 до 16 години, сите членови на џудо клубот „Партизан“, кои се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан.
Еден од патниците, 16-годишен спортист, починал на местото на несреќата. Повредените биле итно пренесени во Клиничкиот центар „Војводина“ во Нови Сад, каде им е укажана лекарска помош.
Полицијата изврши увид на местото на несреќата по наредба на јавен обвинител. Алкотестот покажал дека возачот не бил под дејство на алкохол.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека истрагата за причините на трагедијата е во тек.































