Кон крајот на месецов, од неколку медитерански пристаништа ќе испловат нови хуманитарни пловила — најголемите досега — со цел да ја „пробијат незаконската израелска блокада на Појасот Газа“, најави шведската еко-активистка Грета Тунберг, која ќе биде дел од патувањето.
„На 31 август започнуваме со најголемиот обид да ја пробиеме незаконската израелска блокада на Газа, со десетици бродови што ќе тргнат од Шпанија,“ објави 22-годишната Тунберг на својот профил на Инстаграм.
Таа најави дека на 4 септември бродовите ќе се сретнат со „уште неколку десетици“ пловила од Тунис и други пристаништа, а истовремено ќе бидат организирани протести во повеќе од 44 земји.
Иницијативата, наречена „Глобална Сумудска флотила“ — од арапскиот збор сумуд, што значи истрајност или отпор — ќе обедини голем број хуманитарни работници, лекари и уметници. Меѓу нив се американската актерка Сузан Сарандон, шведскиот актер Густаф Скарсгард и ирскиот актер Лиам Канингем.
Ова ќе биде втор обид на младата Швеѓанка да стигне до Газа. Првиот беше спречен од израелската војска на 185 километри западно од брегот, во ноќта меѓу 8 и 9 јуни, кога специјалци се качија на едрилицата „Мадлен“ и уапсија 12 активисти од Франција, Германија, Бразил, Турција, Шпанија и Холандија, кои потоа беа депортирани.