УТРО.мк

Иран со јасна порака: Ограничувања на нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите

Иран со јасна порака: Ограничувања на нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите
Vero

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванчи, изјави дека Техеран е подготвен да прифати одредени ограничувања на својот нуклеарен програм во замена за укинување на економските санкции, но дека целосно запирање на процесот не е прифатливо.

„Иран може да биде флексибилен во однос на капацитетите и ограничувањата за збогатување на ураниум, но не може да се согласи на целосно запирање на овој процес под никакви околности, бидејќи тоа е од суштинско значење за нас. Едноставно е: ако САД инсистираат на нулто збогатување, тогаш нема договор,“ изјави Раванчи во интервју за јапонската агенција Кјодо.

Тој потсети дека напорите за оживување на преговорите биле прекинати средината на јуни, откако Израел извршил воздушни напади врз Иран, при што бил убиен истакнат нуклеарен научник, како и неколку високи воени команданти.

На 22 јуни, американски бомбардери B-2 нападнале три големи ирански нуклеарни постројки кои биле под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), што Техеран го осуди како кршење на меѓународното право и поткопување на дипломатијата.

„За да се продолжат преговорите, Вашингтон мора да гарантира дека нема повторно да го нападне Иран,“ нагласи Раванчи.

Во моментов, Иран го зголемил нивото на збогатување на ураниум на 60 проценти — под прагот потребен за изработка на нуклеарно оружје, но далеку над границата од 3,67 проценти утврдена со договорот од 2015 година.

„САД мораат да разјаснат дали навистина се заинтересирани за взаемно корисен дијалог или за наметнување на својата волја,“ рече иранскиот дипломат, додавајќи дека иако барањето компензација за нападите не е предуслов за идни преговори, тоа прашање сепак ќе биде отворено на маса.

И покрај ескалацијата, Раванчи истакна дека дипломатските канали остануваат отворени преку посредници и нагласи дека иранската нуклеарна програма „ќе остане мирољубива“ со континуирана соработка со МААЕ.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран