Воената помош за Украина значително опадна во месеците јули и август, и покрај воведувањето на Приоритетната листа на потреби на Украина (PURL), која им овозможува на европските сојузници од НАТО да купуваат оружје за Киев од САД, пишува Kyiv Independent.
Првата пратка преку PURL-програмата пристигнала во Украина во август, потврди Suspilne, повикувајќи се на извор од НАТО.
„Падот на воената помош е изненадувачки. Иако НАТО ја активираше иницијативата PURL, европската поддршка се намалува. Клучно ќе биде што ќе се случува наесен“, изјави Кристоф Требеш, раководител на Ukraine Support Tracker и директор на истражувања при Институтот во Кил.
Според анализата на институтот, во јули и август вкупната воена помош за Украина е намалена за 43% во споредба со првата половина од годината. Европската воена помош опаднала дури за 57%, иако неколку земји продолжиле да придонесуваат преку PURL.
На почетокот на 2025 година, кога САД го прекинаа испраќањето нови пакети оружје, европските сојузници ја презедоа улогата на главни донатори. Тогашната поддршка дури ги надмина нивоата од претходните години.
И покрај падот на воената помош, финансиската и хуманитарната поддршка останала стабилна, дури и без американски придонес.
Неколку земји веќе вложија значителни средства во рамките на PURL:
Данска – околу 90 милиони долари
Шведска – 275 милиони долари
Норвешка – 135 милиони долари
Холандија – 590 милиони долари
Германија – 500 милиони долари
„Сега е од клучно значење оваа стабилност да се прошири и на воената поддршка,“ заклучи Требеш, „зашто Украина од неа зависи за да ја задржи одбраната на фронтот.“