Европската Унија размислува за забрана на филтерските и електронските цигари, според предлог на Светската здравствена организација (СЗО), пишува австрискиот весник „Хојте“. Советот на ЕУ планира да ја разгледа можноста за забрана на производство, увоз, дистрибуција и продажба на овие производи.
Нацрт-резолуцијата, која ја видел весникот, посочува дека ваквата забрана би значително придонела во борбата против потрошувачката на тутун. Електронските цигари, исто така, би можеле да бидат цел на ограничувањата.
СЗО ќе ги разгледа препораките на својата конференција во Женева во ноември, а Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, ја поддржува можноста за ревизија на Директивата за тутунски производи.
Австрија би била меѓу најпогодените земји, бидејќи 74 проценти од продадените цигари се филтерски. Целта на СЗО е создавање „генерација без никотин“, со ограничување на продажбата на тутунските производи и елиминирање на нивната присутност во малопродажните објекти.